Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николовски кој учествува на Парламентарното собрание на Советот на Европа кажа дека најголем проблем за македонската интеграција во ЕУ е групата со Албанија.
„Неподелен е впечатокот помеѓу сите оние со кои што разговарав, дека најголемата стратешка грешка владата на Заев ја направи, договарајќи се со Еди Рама, Македонија и Албанија да влезат во иста група, затоа што Албанија ја влече Македонија назад.
Со сиот неред кој што се случува во Албанија и нефункционалноста на институциите таму сериозно ја влече Македонија назад и ги уништува европските перспективи на македонските граѓани.
Групата со Албанија е најголемото зло и најголемиот проблем што може да се случи на европската интеграција на Македонија и затоа силно апелирав и замолив до сите оние кои што се сретнав да разговараат со своите министри за надворешни работи, да разговараат со своите премиери и да побараат одвојување на Македонија и Албанија, со цел Македонија да чекори напред.
Клучно е раздвојувањето на Македонија и Албанија во интеграцијата, затоа што групата со Албанија направена во договор помеѓу Заев и Еди Рама ја влече Македонија назад. Коленичењето на Заев пред Еди Рама мора да престане затоа тоа коленичење ја влече Македонија назад“ кажа Николовски.
Тој тврди и дека соговорниците со кои разговарал биле изненадени од„ деспотскиот однос на Заев кој што реши покрај премиер да биде и министер за финансии“ што било пример за автототалитаризам.