Втора светска шампионска титула, вкупно четврта во историјата, за фудбалерките на САД. Важеа за фаворити на турнирот, а тоа го потврдија и во мечот за титула против Холандија на мундијалот во Франција. Бранителките на тронот го поразија актуелниот европски првак со 2:0 со погодоците на капитенот Меган Рафино во 61. минута од пенал и на Рос Лавели во 69. минута. Покрај погодокот, Рафино стана и највозрасна фудбалерка (34 години и два дена) со гол во финалните пресметки на СП.
Американките го завршија настапот на СП 2019 со 26 гола што, исто така, е рекорд на женските светски првенства. За холандските фудбалерки, пак, беше прво финале што го одиграа по 45 години од пласманот на нивните машки колеги на СП 1974. Со ова, САД се убедливо најуспешна женска фудбалска нација со четири трофеи од кои два се освоени под водство на Џилијан Елис, селектор на националниот тим.

Женското финале во Лион го следеше и ѕвездата на ПСЖ, Килијан Мбапе во друштво на францускиот претседател, Емануел Макрон.