Ракометарите на Вардар го освоија првиот пехар под водство на новиот тренер, Давид Писонеро. Освоен е во Требиње на турнир од контролен карактер што послужи за воигрување на екипата и постепено подигнување на формата пред значајни предизвици што следуваат – Супер Глоуб, односно, Светското клупско првенство, а потоа и за мечевите од новата сезона во Лигата на шампиони во која „црвено-црните“ ќе влезат како бранители на титулата.
Во финалето во Требиње, вардарци беа подобри од Металопластика со 32:28 (полувреме 17:14), откако на пат до него во еден ден ги премавнаа Борац Бања Лука со 34:30 (полувреме 18:12) и домаќинот на турнирот, Леотар со убедливи 38:18 (полувреме 17:8).
Наградата МВП на турнирот ја понесе Тимур Дибиров кој заврши и како прв стрелец со вкупно 16 погодоци, за најдобар голман е прогласен Тодор Јандриќ од Металопластика, а наградата за ферплеј му припадна на тимот на Борац.
Третото место на турнирот го освои словенечката екипа Бутан Плин од Изола по победата над Борац Бања Лука со 26:25. На петтото место заврши Извиѓач од Љубушки, а како шести Леотар.