Победничка увертира на ракометарите на Вардар во новата сезона во Лигата на шампиони во која влегуваат како бранители на титулата. „Црвено-црните“ славеа на тешкото гостување кај Монпелје со 33:31 (полувреме 16:17) за вкупно шеста победа во осмата пресметка со ривалот од југот на Франција.
Најефикасен во вардаровиот ростер беше Сташ Скубе со седум гола, шест додаде Тимур Дибиров, пет реализира Данил Шишкарев, а по четири Павел Атман, Глеб Калараш и Иван Чупиќ. Прв стрелец во поразената екипа беше Валентин Порт со седум гола.
Вардар во наредното коло (22 септември) ќе игра во СЦ „Јане Сандански“ против тимот на Порто.
Утре попладне (недела, 17 ч.) во салата „Боро Чурлески“ во Битола, екипата на Еурофарм Работник ќе дебитира во меч во Лигата на шампиони против Спортинг Лисабон.