Австралискиот тенисер со грчко потекло, Ник Кирјос е суспендиран на 16 недели и казнет е со 25.000 долари за „влошено однесување“ во истрагата на Асоцијацијата на професионални тенисери (АТП).
Контроверзниот тенисер беше казнет со 113.000 долари за напад врз судија на Мастерсот во Синсинати, но тоа не делуваше отрезнувачки по него и продолжи со испади на тениските терени. Последниот го имаше на Ју-Ес опен чии организатори ги обвини дека се корумпирани.
„Заклучок од истрагата што ја водеше потпретседателот Гејл Бредшо е дека Кирјос сторил „влошено однесување во законикот на АТП“, се наведува во соопштението на организацијата.
Кирјос, чија честа мета на критика во последните месеци беше Новак Ѓоковиќ, ќе биде под засилен мониторинг во наредните четири месеци и во тој период не смее да направи нов испад или инцидент. Притоа доби и совет од АТП да има придружба од психолог при настапи на турнирите по истек на суспензијата.