Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш нареди сет мерки што ќе стапат во сила од понеделник и се однесуваат на сите објекти и мисии ширум светот, а во насока на ублажување на најголемата финансиска криза на организацијата во последните десет години.
Меѓу мерките што ќе се спроведат се откажување на состаноците, ограничување на деловните патувања, но и запирање на ескалаторите и намалување на климатизација и греењето.
Во писмото до шефовите на сите субјекти на ОН, Гутереш вели дека вонредната состојба ќе „влијае на условите за работа и операциите до понатамошно известување“.
Претставничката на администрацијата на ОН, Кетрин Полард, изјави пред Комисијата за буџет дека 128 земји платиле 1,99 милијарди американски долари за членарина за 2019 година до 4 октомври, и дека 65 земји должат вкупно 1,39 милијарди американски долари, од кои американскиот долг изнесува повеќе од една милијарда американски долари.