Нешто чудно се случува во Вардар, што знаат во клубот. Европскиот ракометен шампион од синоќа има нов тренер. Актуелниот селектор на машката репрезентација и досегашен спортски директор на „црвено-црните“, Едуард Кокшаров во иднина ќе биде и нивни тренер. Досегашниот, пак, Давид Писонеро останува во клубот, но како асистент во стручниот штаб, понуда што наводно ја прифатил.
Изненадувачката одлука за тренерска смена им била соопштена на ракометарите пред еден од вчерашните тренинзи и доаѓа по убедливиот пораз од Кил (20:31) на домашен терен во четвртото коло во Лигата на шампиони.

Вардар под водство на Писонеро, претходно, нанижа три победи од кои две на гостински терен. На отворањето на сезоната беше совладан Монпелје со 33:31 во Франција, а во третото коло и Мотор Запорожје во Украина со 31:30. Во меѓувреме, во СЦ „Јане Сандански“, падна и Порто со 32:27 пред да дојде резултатски дебакл од бундеслигашот.
Идентичен е билансот на вардарци и во СЕХА лигата (три победи и пораз), па оттука е изненадувачки што ужасните 30 минути против Кил му пресудија на Шпанецот во мисијата да продолжи каде што застана неговиот претходник и сонародник, Роберто Гарсија Парондо.
Каков ефект ќе има смената на кормилото ќе видиме во сабота од 17.30 часот кога Вардар ќе му гостува на Веспрем во петтиот меч во Лигата на шампиони.