Бројот на повредени во земјотресот со јачина од 5,9 степени по Рихтеровата скала што го погоди Иран се искачи на 520 што е за 300 повеќе од првичниот биланс, јави иранската државна телевизија. Хоспитализирани се 28 жители додека останатите, по укажаната прва помош, се пуштени на домашно лекување. Билансот на загинати е непроменет и останува пет лица како што беше објавено вчера, пренесува агенцијата АП.

Извештајот е објавен по завршување на спасувачките операции во преку 80 оддалечени села во источната иранска провинција Азербејџан. Земјотресите се честа појава во Иран. Тлото во историскиот град Бам во 2013 година се тресеше со јачина од 6,6 степени по Рихтер пришто животот го загубија над 26.000 лица, а во 2017 година, во земјотрес со јачина од седум степени, загинаа повеќе од 600 лица.
Земјотрес со јачина од 5,8 степени по Рихтеровата скала денеска го погоди јужниот дел на Гватемала. Засега нема податоци за повредени, загинати и за причинета материјална штета. Американскиот геолошки институт истакна дека епицентарот бил на 50 километри југозападна од Гватемала, главен град на истоимената држава. Потресот се случил на длабочина од 197 километри, објави агенцијата „Ројтерс“.

Најмалку две лица ги загубија животите, а над 150 домови се уништени во пожарите што денеска беснеат во источна Австралија. Жителите на сојузната држава Нов Јужен Велс во која моментно беснеат над 50 огнени жаришта стравуваат за сопствената безбедност, но преплашени се и т.н. „црвено небо“, феномен што го предизвикаа пламените јазици.
Најлошо, според медиумските извештаи, било во градот Порт Маквори каде жители сведочат дека глетката била апокалиптична. Овој период од годината се смета како почеток на сезоната на пожари на јужната хемисфера, па жителите со право се прашуваат што би можеле да доживеат во месеците што следуваат.