Неколку слаби потреси и земјотрес со јачина од 4,5 степени по Рихтеровата скала ноќеска и изутрина повторно ги вознемирија жителите на Албанија, но и на регионот. Европскиот сеизмолошки завод соопшти дека епицентарот бил на 23 километри од Драч и 42 километра северозападно од Тирана и според албанските медиуми бил најсилен од сите што се случува по разорниот потрес на 26 ноември кој причини голема материјална штета и однесе 51 човечки живот.
Албанскиот премиер Еди Рама се заблагодари на лидерите во регионот за помошта на Албанија во санирањето на последици од силните земјотреси што ја погодија земјата.
„Не можам да најдам зборови за да искажам колку ни значи поддршката. Беше брилијантно како реагираа Вучиќ и Заев, да не ги споменувам нашите браќа од Косово. Брилијантно“, нагласи Рама.
Албанскиот премиер, исто така, се заблагодари и за пораките за поддршка од Унгарија и Романија, потсетувајќи дека романскиот тим за спасување дошол во Албанија самоиницијативно.
„Прекрасно е да се видат луѓе од цела Европа, кои никогаш не стапнале во Албанија, кои немаат никакво познавање од албанскиот јазик, како ни искуство во ризикување на сопствените животи за непознати луѓе“, рече албанскиот премиер.
Благодарност од Рама и до САД, европските земји, папата Франциск и Саудиска Арабија за нивната поддршка, истакнувајќи дека се извинува ако заборавил да спомне некого. Операциите за пребарување и спасување за преживеани од земјотресот официјално заврши, затоа што се верува дека под урнатините повеќе нема тела.

Рама претходно соопшти дека 51 лице загина во земјотресите, од кои најсилниот беше 6,4 степени според Рихтеровата скала и дека се повредени околу 2.000 луѓе. Според првичните проценки, околу 900 згради во Драч и повеќе од 1.465 во Тирана се сериозно оштетени.
Ноќеска се тресеше и БиХ

Земјотреси ноќеска ја погодија и БиХ што се почувствуваа и во делови на Црна Гора и на Хрватска (Далмација). Првиот, според податоци на Европскиот медитерански сеизмолошки центар, се случи на подрачјето на Невесиње со јачина од 4,2 степени по Рихтеровата скала и на длабочина од 10 километри. Вториот, пак, беше на 18 километри од Невесиње и 56 километри од Сараево.