Министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната владина седница ќе ја достави кандидатурата на досегашниот советник на премиерот Зоран Заев за надворешна политика, Дане Талески за амбасадорската позиција во НАТО. Како што завчера брифираа од Владата, Талески е кандидатот кој ќе ја пополни оваа клучна позиција во момент кога земјата наскоро очекува да стане 30. членка на НАТО, но, сепак, непополнети ќе останат повеќе амбасадорски позиции, дел стратешко значење за земјава како таа во Вашингтон.
Дваесет и седум амбасадорски места, вклучувајќи го и НАТО, сè уште не се пополнети, а премиерот Зоран Заев кон крајот на октомври, говорејќи од собраниската говорница и одговарајќи на пратеничко прашање, рече дека очекува дел од постапките за нови амбасадори да завршат во декември, а можеби и јануари и февруари.

Најмалку 80 отсто од амбасадорите ќе бидат дипломати од кариера
Република Северна Македонија има вкупно 57 дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП), од кои 42 се амбасади, осум се постојани мисии и девет се генерални конзулати. Од нив, во моментот непополнети се 23 амбасади и четири постојани мисии, додека сите генерални конзулати се пополнети.
САД, Русија, Кина, Холандија, Италија се дел од важните дипломатски центри што моментно се непополнети. Таму сега наместо амбасадори има вршители на должност, а во соседните земји амбасадори нема во Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, Хрватска. Во Грција сè уште не е испратен вршител на должноста.
„Од вкупниот број шефови на ДКП најмалку 80 отсто се именувани од редот на кариерните дипломати. При именување на шефовите на ДКП-а задолжително се почитува принципот на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници и принципот на родова еднаквост“, се наведува во членот 66 од предлогот.
За вонреден и ополномоштен амбасадор, односно, генерален конзул може да биде поставен односно именуван кариерен дипломат со дипломатско звање најмалку министер советник, кој има најмалку 15 години работно искуство во Министерството, од кои најмалку пет на раководно место и со најмалку два мандати работа во ДКП.
Шеф на ДКП, по исклучок, како некариерен дипломат може да биде и афирмирана личност која ги исполнува следниве услови: да е државјанин на Република Северна Македонија, да не е државјанин на државата на приемот, да има завршено високо образование, да има најмалку 15 години работно искуство во областа на политиката, економијата, надворешната политика, меѓународните односи, меѓународното право, културата или науката, од кои најмалку 4 години на раководно место, активно да владее еден, а пожелно и втор странски јазик од јазиците во службена употреба во ОН или од работните јазици во ЕУ.
Исто така треба да има соодветна здравствена и психофизичка способност, да има високи морални квалитети и личен интегритет, да не е осудуван за кривични дела за кои е предвидена казна затвор од најмалку шест месеца, да има соодветен безбедносен сертификат или да се стекне со истиот до отпочнување на постапката за добивање на агреман и да помине три месеци на обука во Министерството во текот на подготовките пред заминување на должноста шеф на ДКП.
Дипломатите еднаш годишно ќе бидат оценувани за нивната работа
Шефот на дипломатијата Димитров денеска ќе го претстави новиот Предлог-закон за надворешни работи, вклучително и предвидените новини со кои се обезбедува поголема професионализација и модернизација на дипломатската служба во вршењето на надворешните работи.
Законското решение, меѓудругото, предвидува и оценување на дипломатите, кое ќе се врши со цел да се добие реална слика за стручноста, квалитетот, ефикасноста и резултатите во извршувањето на работните задачи.
Оценувањето ќе се врши врз основа на податоците за резултатите од работата, работните и личните квалитети, имајќи ги предвид податоците за обуките, наградите, дисциплинските мерки и отсуствата во претходната година.
Предвидени се вертикално и хоризонтално оценување. Вертикално, дипломатот се оценува од страна на непосредниот раководител и непосредено повисокиот раководител и од еден дипломат на пониско ниво од неговото.

Хоризонтално, дипломатот се оценува од страна на еден дипломат на негово ниво од матичната организациона единица и еден дипломат на негово ниво од директорат со кој оценуваниот најмногу соработувал во текот на годината.
Дипломатите ќе бидат оценувани со неколку оценки: се истакнува, задоволува, делумно задоволува и не задоволува. Оценувањето е тајно и се врши еднаш годишно, најдоцна до крајот на првото тромесечие од секоја календарска година и се однесува на претходната година.
На дипломатот кој две години по ред има оценка „не задоволува“, дипломатското звање му се намалува за едно непосредно пониско дипломатско звање, а оној кој три години по ред е така оценет или кој во последните пет години три пати бил оценет со „не задоволува“ му престанува работниот однос во Министерството.
Целта е зголемување на кариерни и намалување на политичките дипломати
Шефот на дипломатијата неодамна на седницата на собраниската Комисија за надворешна политика меѓу другото, говореше и за испразнетите амбасадорски позиции, но и за начините на нивно пополнување.
Нагласи дека последните десет амбасадори кои излегле по предлог на сегашното раководство на МНР во просек имаат повеќе од 22 години стаж, додека последните десет од претходното раководство имале стаж во просек помалку од три години.
„Тоа е еден спрема седум во однос на партизација или професионализација. Од последните десет амбасадори на претходното раководство, седум се целосно од надвор, односно имаат нула диполоматски стаж, рече Димитров.
Со новиот закон за МНР, како што напомена, ќе се направи обид за драстично подобрување на соодносот меѓу политички дипломати и дипломати од кариера во прилог на вторите. Таму каде што ќе се испраќа политички кандидати, согласно новиот закон, појасни Димитров, ќе се воведат одредени услови за искуство, со цел да се оневозможи кој било да се праќа на амбасадорските позиции.