Вчерашната сторија на Нова ТВ со наслов „Аларм: Кучиња скитници се хранат со медицински отпад, крвта истекува во Вардар“, денеска доби внимание и од надлежните. Написот беше тема на денешната прес-конференција на градоначалникот Петре Шилегов и главниот инспектор на Град Скопје, Мирослав Богдановски кои го обелоденија скандалот со ужасна содржина кој треба да го вклучи алармот и на другите институции. Преку објавените видеа и фотографии, јасно се гледа неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад во погоните на „Еко Клуб“ каде што кучиња скитници јадат човечки остатоци и крв што истекува во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар.
„Пред две недели ветив дека јас лично и Град Скопје, по преземање на „Дрисла“ на 20 јануари, ќе стоиме зад законско и принципиелно работење на депонијата. За мене, за вработените во Град Скопје и за градскиот инспекторат не може и нема да има компромиси со животната средина и потенцијалните опасности за здравјето на луѓето. Градот Скопје пред 50-тина дена дојде до сериозен доказен материјал за злоупотреба во менаџирањето на отпадот на територијата на градот и затоа навремено беа известени надлежните институции“, посочи Шилегов.

На пресот беше истакнато дека јасно се забележува начинот на кој бил третиран медицинскиот отпад во Скопје, но Градот, за жал, нема податоци колку долго и колку често се третирал отпадот на несоодветен начин. Наместо термичка обработка и стерилизација, истакна домаќините, се случувала несоодветна обработка на медицинскиот отпад што потоа завршувал на „Дрисла“ како обичен отпад.
„Повеќе од 50-тина дена, Град Скопје чека какво било преземање дејствија од Јавното обвинителство, но досега немаме информација дали воопшто е започната официјална истрага. Напротив, според нашите сознанија, сторителот се покрива со документација од друга надлежна институција. Затоа јас, мојот тим и главниот инспектор на Град Скопје нема да дозволиме вакво неодговорно однесување на институциите во државава. Време е, конечно, секој да застане зад своите обврски и да сноси одговорност за своето неработење. Барам ЈО веднаш да започне истрага за овој скандал што претставува опасност по здравјето на луѓето, а исто така барам и МЖСПП детално и во целост да го испита работењето на сите субјекти кои се под нивна надлежност, особено оние со дозвола за обработка на медицински и опасен отпад. Здравјето на граѓаните не може да трпи компромиси. Оваа битка или ќе ја војуваме сите заедно, како граѓани и како институции, или сите ќе ја загубиме. А, јас немам намера да дозволам оваа битка да биде загубена. Градот секогаш ќе стои пред и зад своите граѓани“ порача Шилегов.

Овој случај го откри главниот инспектор на Град Скопје, Мирослав Богдановски кој реагирал професионално и одговорно затоа што имал многу дојави од граѓани дека во кругот на фирмата „Еко Клуб“ подолго време се случува нешто сомнително, се шири непријатен мирис и дека отпадот не се третира соодветно. Загрижен дека ниту една друга институција не презема никакви мерки за заштита на граѓаните кои живеат во околината на фирмата од можни заразни болести, Богдановски бил приморан да влезе и да ги фати на дело како вршат несоодветно третирање на опасен отпад. На прес-конференцијата, инспекторот Богдановски детално ги образложи фотографиите и видеоматеријалот кои експлицитно го потврдуваат ужасот што претставува потенцијална бомба за епидемија.
„Машината за преработка на медицинскиот отпад за време на контролата не беше во функција и отпадот не беше соодветно третиран, со што отвораше можност за ширење опасни зарази по животот на луѓето и животните. Медицинскиот отпад се обработуваше во машина за сечење која само го дроби отпадот, но не ги уништува бактериите. Таквиот непреработен медицински отпад го префрлаа во камион што не е соодветен за транспорт на ваков тип инфективен и опасен отпад за потоа да биде транспортиран во „Дрисла“ како обичен отпад“, објасни Богдановски.
По оваа прес-конференција, ниту една институција нема никаков аргумент да го оправда своето непостапување по овој случај кој Богдановски со целиот доказен материјал го пријави во надлежното обвинителство пред повеќе од 50 дена.