Словенечката полиција потврди дека Националното биро за истраги води предистражна постапка за начинот на кој се финансираат одредени медиуми во земјата. Како што објави Телевизија Словенија, се работи за медиуми кои се сметаат за блиски до Словенечка демократска партија (СДС) на Јанез Јанша која, пак, имала блиска соработка со Фидес на унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
Последните истраги на словенечките власти доаѓаат по анализата која беше вчера објавена на порталот „necenzurirano.si“. Според порталот, најмалку четири милиони евра преку компании блиски до Орбан се дале за финансирање на медиумско-политичко-
Под насловот „Од каде се милионите за медиумите на СДС и Операција Македонија” новинарите Примож Цирман, Весна Вуковиќ и Томаж Модиќ во анализата разоткриваат, како што пишуваат, „октопод” на релација Москва, Будимпешта, Љубљана и Скопје.
„Дознаките од странство докажуваат дека највисокото политичко раководство на СДС (партијата на Јанез Јанша) е вклучено во финансирање на медиумите блиски на СДС. Имаме сомневања дека станува збор за операција за која дел од парите дошле од руски извори“, пишува словенечките новинари.
Според порталот, од две унгарски и една англиска компанија кои биле блиски на партијата Фидес, пари „легнале” на сметка на словенечка компанија, па од таму 1,5 милион евра биле искористени за финансирање на медиуми блиски до Јанез Јанша, а 2,5 милиони евра биле дадени за четири медиуми во Северна Македонија. Графиконот што го објави „нецензурирано“ упатува дека пари во земјава добиле „Курир“, „Нетпрес“, „Алфа“ и „Лидер“.
Авторите на текстот тврдат дека дел од парите за финансирање на медиуми во Словенија и Северна Македонија доаѓаат од Русија. Тие пишуваат дека се почнало од изградбата на една нуклеарна централа во 2014 година, кога владата на Виктор Орбан одлучила да им ја додели на Русите без јавен тендер. Владимир Путин го смета Орбан за најголем сојузник во Европската Унија, а двајцата политичари ја поддржуваат десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ. Уште во 2017 години, повеќе новинари известуваа за активностите на руските разузнавачки служби во ширењето на антизападна пропаганда во Северна Македонија, се наведува во анализата на словенечките новинари.
Вчера адвокатот на СДС на Јанша, испрати писмо до словенечкиот премиер во оставка Мајан Шарец, во кој бара извинување за негова изјава, дека СДС се финансира со унгарски пари, а во спротивно се закани со тужба.