Со последните 42 лица што ги објави Кина, вкупниот број на смртни случаи во светот, како последица на компликации по заразувањето со коронавирус, надмина 3.000. Над 90 отсто од нив се регистрирани во кинеската провинција Хубеи во која се појави болеста кон крајот на минатата година. Во светски рамки има, речиси, 90.000 потврдени случаи на инфекција, а бројот на заразени сега расте побрзо надвор од Кина, отколку во оваа далекуисточна земја.
Светските медиуми, цитирајќи податоци на Светската здравствена организација (СЗО), јавуваат дека повеќето пациенти имаат само лесни симптоми и потенцираат дека смртноста кај оваа епидемија варира меѓу два и пет отсто. Повисока стапка на смртност од Ковид-19 имаат тешкиот респираторен синдром (SARS) и респираторниот синдром на Блискиот Исток (MERS)
Додека темпото на заразување во Кина се намалува, во некои делови од светот се забележува драстично зголемување на инфекциите. Европска жешка точка на коронавирусот е Италија каде починаа над 30 лица додека бројот на инфекции во последните 48 часа е двојно зголемен и достигна 1.694 лица, а исти податоци се лиферуваат и за Германија, јавува „Дојче Веле”.
Во Италија досега се регистрирани најмалку 34 смртни случаи и 1.694 потврдени случаи. Во Велика Британија, каде има 36 потврдени случаи, премиерот Борис Џонсон за денеска свика итна седница на комисијата „Кобра“.
Јужна Кореја, пак, е најголемо жариште, во Азија по Кина. Тамошните власти пријавија нови 476 случаи на заболени со коронавирус со што вкупниот број се зголеми на над 4.200. Во оваа земја досега имаше 26 смртни случаи. Првиот човек на Сеул ги повика жителите на десет милионскиот град да работат од дома и да ги избегнуваат местата со концентрација на многу луѓе.
Иран, една од најзасегнатите земји од епидемијата, вчера соопшти дека има 978 инфекции и 54 смртни случаи. Во текот на викендот Катар, Еквадор, Луксембург и Република Ирска ги потврдија своите први случаи на коронавирус. Досега во САД има двајца починати од заразата, еден во Сиетл и 70-годишен маж од Вашингтон.