Во Македонија од денеска за првпат ќе почне да применува „полициски час“ што ќе важи секој ден од 21 часот навечер до 06 часот наутро. Мерката за забрана на движењето на граѓаните во ноќните часови е донесена со одлука на Влада и во насока е на максимална заштита од ширење на коронавирусот.
Со „полициски час“ нема да бидат опфатени припадниците на МВР, на АРМ, противпожарните екипи и лицата од комунална хигиена кои моментно работат во смени, а за медицинските лица ќе бидат обезбедени специјални легитимации.
Полицискиот час нема да се однесува и на лицата кои имаат потреба од итна медицинска помош, лицата во животно-загрозувачка состојба и лицата кои одат на дијализа. Тие ќе може да бидат придружувани со најмногу две лица. Ако поради итноста на здравствената состојба возилото биде запрено од полициска придружба, дополнително ќе се евидентира и провери оправданоста на излегувањето и превозот до здравстевната институција преку приложување на медицинска документација по завршување на медицинскиот преглед.
За време на полицискиот час ќе се ограничи и бројот на дежурни аптеки во градовите. Во аптека ќе може да одат само лица со потврда дека претходно биле на лекарски преглед. Ќе се ограничи и бројот на такси возила. Тие ќе може да превезуваат патници само кон болнички установи или аптеки. Таксистите, притоа, ќе мора да имаат заштитна опрема – маска и ракавици.
За време на полицискиот час ќе биде забрането движење и на возила од јавен превоз. Дежурни екипи на ЕВН, Водовод и канализација, Телекомуникации служби и Топлификација, пак, смеат да се движат само по претходна најава на 192 (МВР).
Директорите на јавните здравствени установи треба да изготват список на вработени лица за кои се предвидува дека ќе имаат неопходна потреба за движење и ќе го дистрибуираат до МВР или друго надлежно Министерство со цел изготвување специјални пропусници и легитимации за рестриктивните часови. Така МВР ќе има комплетен увид за лицата кои се движат.
Одлуката за воведување полициски час ја соопшти синоќа премиерот Оливер Спасовски по седницата на Владата. Како што рече во вонредното обраќање, поради коронавирусот животот радикално се промени. Во оваа крајно загрижувачка ситуација потребно е секој од нас да се прилагоди и максимално одговорно да се однесува.
„Владата ја донесе оваа одлука врз основа на стручно мислење од Комисијата за заразни болести според сознанијата за корона вирусот. Всушност, се налага ваква мерка за да се спречи натамошно ширење на болеста. Веќе ништо не е исто. Животот радикално се промени. Тоа бара радикална промена и на нашето секојдневие. Потребно е секој од нас да се прилагоди на оваа крајно загрижувачка ситуација и максимално одговорно да се однесува. Ако сакаме да си ја заштитме нацијата, сите мора да се однесуваме одговорно“, порача Спасовски, потенцирајќи дека во историјата на нашата земја прв пат се воведува полициски час.
Владата на вчерашната седница одлучи и меѓуградскиот и јавниот превоз да ги ограничат капацитетите за превоз на патници за 50 отсто во возилата или со задолжително одржување растојание од најмалку два метра меѓу патниците.