Да нема повеќе од тројца патници во возило за комерцијални цели, вклучително и возачот, е една од дополнителните поригорозни мерки што Владата го донесе во борбата за спречување на ширењето на коронавирусот. Во таков случај е задолжително носење на заштитни маски и ракавици што, пак, не се однесува за возачот кој е сам во возилото.
Заменик министерката за внатрешни работи, Славјанка Петровска на својот Фејсбук профил објави пост со наслов „информирај се, не дезинфорирај“ во кој наведе и останати правила и ограничувања за учесниците во сообраќајот во делот на заштита од вирусот ковид-19.
„Во автомобил кој не е наменет за комерцијални цели, односно е семејно возило е дозволено да се возат до четворица возрасни патници или двајца возрасни и две деца доколку се од исто семејство. Ограничувањето за возач и двајца патници во возило се однесува за возила со кои приватни компании и трговски друштва извршуваат теренски активности или вршат достава. Во комбе или друг тип на визоло со поголем број на седишта, не смее да бидат пополнети сите седишта, односно бројот на патници не смее да биде повеќе од 60 отсто од капацитетот на возилото и притоа да бидат сместени на соодветна оддалеченост“, е наведено во постот на Петровска на Фејсбук.