По 61 часовен полициски час на територијата на целата држава, освен за категориите на граѓани со дозвола за движење, од утрово повторно има раздвиженост на луѓе и сообраќај по улиците. Владината мерка за спречување на ширењето на коронавирусот во земјава останува на сила како што е определена за работните денови – од 16 часот попладне до 5 часот наутро.
За претстојниот Велигден, пак, се размислува движењето да биде ограничено за дополнителен еден ден, најверојатно понеделник, односно забраната да важи од петок попладне (16 часот) до вторник наутро (5 часот). Таква можност вчера најави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека овој предлог ќе се разгледа на денешната седница на Владата.
Во сила е забраната и за групирање на повеќе од две лица, освен за родители со деца до 14 години. На повозрасните лица од 67 години дозволено е движење од домот од 10 до 12 часот, а на младите до 18 години – од 13 до 15 часот. Сопствениците на кучиња може да ги изнесат своите миленици надвор на пола час, од 20 до 20.30 часот и притоа да не бидат подалеку од 100 метри од објектот во кој живеат.
Движењето за време на полициски час им е дозволено само на категории граѓани кои имаат работни обврски и поседуваат дозволи што ги издава Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). За барање за дозвола може да се аплицира на порталот uslugi.gov.mk.
Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ претпладнево продолжија да сообраќаат со двократно работно време – од 5 до 9 часот и од 13 до 16 часот. Распоредот е по саботен возен ред, а кога се првите и последните поаѓања на автобусите на ЈСП е појаснето на веб-страницата на претпријатието.