Црквите денеска ги пречекаа православните верници на причесна пред Велигден. Пред Соборниот храм во Скопје се чекаше ред за влез, а слична беше сликата и во повеќето цркви низ Македонија.
Со дезинфицирани икони, но со една лажичка и од една чаша за вино за причесна, свештените лица ја продолжија традицијата и покрај вонредната состојба и опасноста од ширење на коронавирусот. Денешните слики од црквите предизвикаа силни реакции на социјалните мрежи, па во ситуација кога кај сите треба да надвладее разумот се исцрта уште една линија на конфронтација меѓу граѓаните. Од една страна голем број верници се удират в гради и тврдат дека верата е посилна од сè, па и од вирусот, други повикуваат на свест и нагласуваат дека секој има право да биде верник, да биде дел од востановените црковни ритуали, но дека сега станува збор за исклучителна ситуација кога од сите се бара одговорност, свест и воздржување од активности кои може да го доведат во опасност и личното здравје, но и здравјето на другиот.
Дел од граѓаните денеска дојдоа да се причестат, но имаше и такви кои дошле само да запалат свеќи. Внатре одржуваа дистанца, а доколку имаше повеќе луѓе, трпеливо чекаа да влезат. Пред црковната порта поставено средство за дезинфекција со која верниците и на влегување и на излегување го користеа
Од МПЦ ги повикаа верниците да ги почитуваат мерките и во вонредните услови на пандемија „кога грижата за здравјето на ближниот е исклучително важна, ова Воскресение Христово да се пречека и празнува со најблиските во домашната црква – во семејството“.
Сепак, Црквата објави дека причеста, која се извршува со една иста лажичка верниците ќе ја примаат денеска на Велики четврток и во вторник на 19 април. Поради полицискиот час, литургиите на Велика сабота, в недела на Велигден и в понеделник ќе ги служат свештеници без верници во црквите. Црквата рече дека на Велики четврток и во вторник литургијата ќе се служи со ограничен број од пет верници.
„Црквите, секако, ќе бидат отворени, но знаеме дека за големиот празник ќе има полициски час. Ова значи дека ако верниците дојдат на литургија ќе го прекршат законот. Што се однесува до останатите денови, во период кога нема полициски час, ние држиме постојано богослужби и храмовите се отворени за лична молитва. Препораката е светите литургии да се одржуваат со најмногу пет верници, но пак ќе кажам тоа е само кога нема полициски час“, изјави владиката Тимотеј.

На коронавирусот никој не е имун. Безброј пати апелерира и ликарите и официјалните лициа. Но МПЦ се однесува како нејзините паства да се имуни. И Тимотеј и останатите свештени лица кои се огласија во медиумите и во вонредна ситуација не ја даваат така лесно лажичката. Тимотеј смета дека „лажичката и причеста не придонесуваат за ширење на коронавирус“ и дека „оној што се плаши од причеста нека не пристапи, не можеме да менуваме традиции од векови“.
Во таа насока помалку вознемирувачка изјава денеска даде и отец Сашко Николовски од Скопската епархија, кој опаснота од ширењето на болеста ја сведе на некаква одбрана на Бог, кој во моментов никој не го напаѓа.
„Луѓето кои што фрлаат по Бога поготово пред причесната, еве ја носам ова мантија и не можам да си грешам душа колку сакаат нека фрлаат, но Бог е чист и почист е од сите нас. И Бог никојпат не пренесува болести туку лечи болести. Ние 2000 години се лечиме со таа причесна, па сега ќе дојдат да ни кажат они што да правиме со таа причесна? – Малку нека се има исаф кога по некого се фрлаат камења“ изјави за Телма, отец Сашко Николовски од Скопската Епархија.
Премиерот Оливер Спасовски вчера рече дека Владата не може да ги затвори верските храмови во земјата поради пандемијата на коронавирус, затоа што слободата на вероисповест е неприкосновена. Без оглед што тој потсети дека е активна забраната за групирање на повеќе од две лица на јавни простори, голем број граѓани дојдоа да се причестат во црквите пред Велигден.
Попладнево, во видео обраќање по препораката на епидемиолозите да оди во домашна изолација, рече дека свесен за сите дилеми кои деновиве се отворија околу начинот на практикување на верата среде криза и за време на Велигден.
„Ве уверувам – има начин. Целиот свет поинаку го чествува Велигден оваа година. Исто ќе биде и кај нас. Ќе се помолиме во домовите, во најтесниот круг на семејството, наместо во храмовите. Во храмовите ќе бидат свештениците и тие од таму ќе ги пратат своите пораки и молитви. А ние, мора да останеме во домовите. Нема импровизации со оваа работа. Тој што ќе отстапи го загрозува своето здравје и здравјето на своите блиски. Тој што ќе отстапи и ќе се однесува несериозно, загрозува живот. Да не си играме со здравјето и животот“, рече Спасовски.
Шефот на државата, Стево Пендаровски, денеска упати честитки до верниците од православна вероисповед за големиот христијански празник, но нагласи дека не се согласува со тоа граѓаните во ваква ситуација да се причестат со иста лажичка бидејќи тоа „може да биде тригер за ширење на вирусот“.
„Оваа година црквата ќе мора да се сообрази со правилата кои важат за сите останати. Заради пандемијата, многу права на сите од нас ни се одземени во одредени временски период или редуцирани, како што е на пример правото на слободно движење или правото на образование кои се уставно загарантирани. Но, во овој период сите ние имаме повисока цел – да ги сочуваме животите и здравјето на нашите луѓе, се разбира вклучително и на верниците“, рече Пендаровски.
Во оваа ситуација тој веројатно ја кажа клучната порака дека „ниту една религиозна заедница не е над другите, ниту еден верник не е поважен од некој атеист и обратно“.
„Еве за една недела од сега почнуваат рамазанските пости кои исто така оваа година за првпат ќе бидат во услови на вонредна состојба со сите правила и ограничувања што таа ги наметнува врз сите нас. Една работа мора да ни биде јасна – само заеднички и со максимален респект едни кон други можеме да ја надминеме оваа криза“, рече Пендаровски.
Тој порача дека ако може Папата да држи миса сам и најголемите џамии да бидат затворени во време на пандемија, тоа треба да го почитуваат и двете верски заедници, МПЦ-ОА и ИВЗ.
„Папата сосема сам ја држи мисата што не се случило никогаш во долгата историја на католичката вероисповест. Има и еден друг податок, кој не знам дали го знаат нашите граѓани. Саудиска Арабија, седиште на најсветите места за исламот Мека и Медина. Таму се наоѓаат џамиите кои секоја година се посетуваат од милиони верници на аџилак. Може нема да ви се верува, меѓутоа на 20 март оваа година, саудиските власти донесоа одлука со која ги затворија двете најсвети џамии за секој муслиман во светот. Ако може тоа да го прави Папата и најсветите муслимански места, не можам да видам зошто нашите верски заедници тоа не би го почитувале“, порача претседателот.
Тој вели дека го поздравува тоа што МПЦ и ИВЗ постојано повторуваат дека сите верници треба да се придржуваат до мерките на Владата, меѓу која е и да се ограничи движењето.
„Да не излезе дека јас ја критикувам политиката на раководствата на најголемите верски заедници кај нас, треба да го кажеме и тоа дека раководствата на МПЦ и ИВЗ до овој момент во сите свои јавни објави и во сите настапи ги поддржуваат мерките на Владата и апелираат до верниците најсветите празници да ги поминат во домашни услови или со почитување на препораката да нема повеќе од петмина во еден простор. Има време кога ќе заврши пандемијата и да се вратиме на практикување на верата онака како што тоа секоја од верите го налага“, кажа Пендаровски.
Истражувањето на јавното мислење „практикување на религија во услови на пандемија“, реализирано од интернет порталот religija.mk и Институтот за политички истражувања – Скопје со поддршка на фондацијата „Конрад Аденауер“, покажа дека 80,3 отсто од испитаниците сметаат дека Велигден и Рамазан Бајрам треба да се слават во домашна атмосфера, наспроти 10,4 отсто кои сметаат дека овие празници треба да се слават во црквите и во џамиите