Нова лидерска средба меѓу 10 и 12 мај, најави македонскиот прстседател Стево Пендаровски во синоќешното интервју за „360 степени“. Тоа го навестил и во телефонските разговори со лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кои, како што рече, го потврдиле учеството, како и лидерите на албанските политички партии и од власта и од опозицијата.
Запрашан која е потребата за лидерска средба на тема избори, кога владата донесе уредба за продолжување на изборните дејствија по завршувањето на вонредната состојба, Пендаровски одговори:
„Не би сакал да наметнувам нови задачи од областа на правото на правниците од власта и од опозицијата, меѓутоа постои размислување дека уредбите со законска сила важат додека важи вонредната состојба. За евентуално да продолжат да важат и потоа, треба Собранието да ги потврди. Ако ги потврди ќе продолжат да важат, ако не нема да важат. Тоа е едно од правните мислења што ми го кажуваат, ми советуваат тие што мене ме советуваат во правната сфера. Не велам дека тоа е дефинитивна вистина, меѓутоа, само сакам да го кажам тоа“, истакна шефот на државата.
Пендаровски истакна дека уредбите што ги носи Владата имаат сила на закон, но и потсети дека Владата има законодавна моќ само додека има вонредна состојба.
„Само во вонредна состојба, Владата може да носи уредби со законска сила. Не во некои регуларни парламентарни времиња. Што е кај нас проблемот? – Парламентот никако да се состане бидејќи неговиот прв човек смета дека тој е дефинитивно распуштен, зачудувачки е што и главната опозициска партија смета дека не треба да биде оживеан парламентот каде би можела да има поголема парламентарна контрола“, вели претседателот на државата.
Пендаровски се осврна и на вонредната состојба и за тоа дали би ја продолжил за нови 30 дена, со оглед на тоа што вторите 30 дена истекуваат на 16 мај.
„Ако трендовите се навистина позитивни, дај боже, со цело срце посакувам така да биде, и ако ситуацијата со ковид-19 се смирува, јас двапати ќе размислам дали ќе бидам единствениот кој ќе продолжува 30, плус 30, плус 30 и така до крајот на годината. Ако трендовите во однос на ковид-19 се стабилизираат и генерално попуштаат и според првичните проценки и мерките за ограничување на движење, за реотворање постепено на бизнисите, не сум сигурен дека и во таква ситуација ќе решам – еве ви нови 30 дена, еве ви нови 30 дена и не се секирајте, јас постојано ќе давам нови 30 дена, бидејќи вторите 30 дена беа дадени или утврдени затоа што мораше“, истакна Пендаровски.