Италијанската Влада, по неколкунеделни преговори, одобри мерки во вредност од 55 милијарди евра за зајакнување на економијата која е соочена со сериозни последици поради коронавирусот. Премиерот Џузепе Конте го соопшти ова на синоќешната прес-конференција по средбата со министрите и тензиите во владеачката коалиција што доведоа до одложување на носењето на декретот, кој првично беше наречен „априлски“.
Пакетот помош вклучува итни мерки за приходи, средства за компании и намалување на даноците, како и неповратни средства за мали и средни претпријатија. Конте соопшти дека 26 милијарди евра се наменети за вработените, хонорарците и невработените, меѓу 15 и 16 милијарди за компаниите и 3,25 милијарди евра за здравството.
Пакетот помош вклучува средства за туризам, култура и земјоделство, сектори кои се многу тешко погодени од кризата.
Европската комисија соопшти дека Италија треба да се подготви за сериозен економски пад затоа што бруто домашниот производ ќе падне за речиси 10 проценти. Италија беше првата европска земја што воведе драстични мерки за карантин на целата територија на почетокот на март, а од 4 мај постепено излегува од блокадата со започнување деловни активности.
Ковид-19 предизвика двомесечна блокада на земјата во која, како последица на вирусот, починаа повеќе од 31.000 луѓе.