Американската војска, според сопствени наводи, преместила околу 1.600 војници во воени бази околу Вашингтон за, доколку е потребно, да можат да ја поддржат полицијата со оглед на протестите кои не стивнуваат, пренесува „Дојче Веле“.
Воената полиција и инфантеристи се наоѓаат во состојба на готовност во случај да затреба нивна поддршка, изјави портпарол на Министерството за одбрана на САД, а преместувањето на војниците го наредил министерот за одбрана, Марк Еспер.
Новинската агенција „АП“ објави дека околу 700 војници се падобранци, чија база се наоѓа во Форт Бреџ во Северна Каролина, и тие се преместени на периферијата на американскиот главен град и се целосно вооружени.
Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот најави намера да ангажира илјадници тешко вооружени војници за да стави крај на безредијата на маргините на мирните протести, кои започнаа поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, жртва на насилна полициска интервенција.
Вчера над Вашингтон кружеа хеликоптери во исклучително низок лет над демонстрантите – очигледен обид за нивно заплашување.
Интервенција на американските воени трупи против граѓаните од правна гледна точка би била можна, но таа би значела драстична ескалација на и онака екстремно тензичната ситуација, предупредуваат политичари и експерти во САД.
Без оглед на заканата со сила од владата, демонстрантите и синоќа повторно се собраа пред Белата куќа и по започнување на полицискиот час. Со денови во Вашингтон, во Њујорк, во Минеаполис, во Лос Анџелес, во Хјустон, во Чикаго и во други метрополи луѓето го искажуваат својот револт, протестирајќи против полициско насилство, расизам и социјална неправда. Повод беше смртта на Џорџ Флојд, кој почина по полициска бруталност при неговото апсење во понеделникот минатата недела.
Демонстрациите меѓутоа во многу градови преминаа во насилства и ограбувања на продавниците, по што повеќе градови воведоа полициски час во ноќниот период.
Полицијата во понеделникот вечерта насилно ги растури мирните протести пред Белата куќа. Грубата полициска интервенција наводно била наредена лично од министерот за правда Вилијам Бер. Додека полицајците употребуваа солзавец, претседателот Трамп во говор одржан во градината на Белата куќа се закани дека ќе ја употреби војската за да ги запре протестите.