Во Белорусија денеска се одржуваат шестите претседателски избори по осамостојувањето на земјата од поранешниот СССР. Актуелниот претседател Александар Лукашенко, кој е на чело на државата од 1994 година, и по шести пат се кандидираше за функцијата, но за разлика од претходните избори, овојпат се соочува со, се чини, најсериозниот предизвик досега.
Неговите ривали во претседателската трка се копретседателот на движењето „Кажи ја вистината“, 39 годишниот Андреј Дмитриев, поранешниот член на Долниот дом на белорускиот парламент, 43 годишната Ана Канопатскаја, 37 годишната домаќинка Светлана Тихановскаја и претседателот на белоруската партија „Социјалдемократска заедница“, Сергеј Черечен.
Во предизборието во земјата се одржаа серија митинзи на опозицијата на кои се собраа десетици илјади демонстранти, нешто што е непознато во Белорусија по распадот на Советскиот Сојуз. Повеќе од 1.000 лица се приведени за учество во протестите од почетокот на изборната кампања, а белоруската Централна Изборна Комисија (ЦИК) веќе забрани на изборите да се кандидираат двајцата ривали на Лукашенко.
Последните претседателски избори во Белорусија беа опишани од западните набљудувачи како лажирани со цел Лукашенко да остане на власт. Пред да стане претседател во 1994 година, Лукашенко бил директор на државно земјоделско претпријатие (Совхоз).
Тихановскаја ја повика германската канцеларка Ангела Меркел да помогне во обезбедувањето на фер избори. Нејзиниот 10 годишен син и 5 годишната ќерка се испратени во странство поради голем број закани додека сопругот, познат блогер, е во затвор откако објавил дека има намера да се кандидира на изборите. Таа се смета за обединувачки фактор на опозицијата, јавија западни медиуми.