Епидемијата на Ковид-19 во Македонија никако да стивне, откако во последните неколку недели се бележат троцифрени бројки на позитивни случаи и покрај изготвените протоколи, мерките и апелите за носење на заштитна маска и одржување на социјална. Скопје и натаму е град во земјава со најмногу заразени.
Едно лице почина, а 109 се запишани како нови пациенти, а 422 се оздравени според вчерашниот извештај за вирусот во земјава за последните 24 часа во кои се направени 762 тестирања или вкупно досега 115.590. Од почетокот на епидемијата се регистрирани 11.942 позитивни лица, излекувани се 8.087 лица, починаа 528 граѓани додека бројот на активни случаи во моментот изнесува 3.327.
Најмногу активни случаи се бележат во Скопје – 1.177, во Штип – 319, во Гостивар – 306, во Куманово – 263, во Тетово – 171, во Струга – 160, во Дебар – 128, во Кичево – 121, во Свети Николе – 116, во Кавадарци – 103, во Охрид – 77, во Битола – 74, во Македонски Брод – 41, во Демир Хисар – 29, во Виница – 29, во Струмица – 25, во Кочани – 23, во Прибиштип – 18, во Велес – 27, во Гевгелија – 14, во Крива Паланка – 12, во Неготино – 12, во Ресен – 12, во Радовиш – 11, во Крушево – 5, во Берово – 4, во Делчево – 3 и во Валандово -1.
Од Министерството за здравство (МЗ) вчера порачаа дека нема оправдување за тие кои не носат маска, односно не ги почитуваат мерките. Лекарите и медицинските лица, како што велат, секојдневно работат со заштитни маски и дополнителна заштитна опрема, но и во многу други професии вработените целиот работен ден го поминуваат со заштита.
„Носам заштитна маска затоа што водам грижа за моите најблиски, за семејството, за колегите и за пријателите. Секој од нас има одговорност да се грижи и за здравјето на тие околу себе. Грижата за себе во исто време е грижа и за тебе. Апелирам на почитување на мерките без исклучок. Само преку носење маска, често миење на рацете и одржување физичка дистанца, можеме да го намалиме ширењето на вирусот. Да бидеме одговорни“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Во текот на изминатото деноноќие на територијата на Република Северна Македонија се регистрирани 466 прекршоци за неносење на заштитна маска на лице. И Министерството за внатрешни работи повторно апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид-19.