Македонија е заслужен учесник на Европското првенство во фудбал и нема да биде турист на турнирот, рече словенечкиот селектор Матјаж Кек на прес-конференцијата по ремито (1:1) на „змајчеки“ со „црвено-жолтите“ на арената „Тоше Проески“.
– Холандија, Австрија и Украина никако не смеат да ве потценат, нагласи Кек по пријателскиот меч во Скопје.
За словенечката репрезентација рече дека одиграла две различни полувремиња. Изрази задоволство од изданието во првото, но не и од второто. А, потоа се наврати со епитети за македонскиот национален тим.
– Овој македонски тим мина долг пат за формирање што кулминира со настап на Европско првенство. Незгоден тим е за секој противник што го докажа и во натпреварот со Германија. Ова не го зборувам од куртоазија. Навистина ви посакувам среќа, добри настапи и резултати, додаде Кек.
Македонија и Словенија попладнево одиграа 1:1 во Скопје во пријателски натпревар пред Европското првенство. „Црено-жолтите“ поведоа во 55 минута со прекрасниот погодок на Елиф Елмас, израмни Чрнигој во 97 минута.