Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) денеска соопшти дека не успеала во преговорите со Данска, која одбива да им дозволи влез во земјата на руските навивачи да го следат натпреварот на нивниот национален тим против данската репрезентација во Копенхаген во рамки од групната фаза на претстојното ЕП во фудбал.
Поради патните рестрикции и протоколите поврзани со ковид-19 што се на сила во нордиските земји, на странските државјани надвор од Европската унија не им е дозволен влез во Данска, а тоа се однесува и на руските навивачи, кои веќе имаат купено билети за натпреварот во Копенхаген.
УЕФА се обиде да издејствува компромисно решение со данските власти, откако такво барање на нејзина адреса пристигна од Русија.
– Ве замолуваме веднаш да ги разгледате сите можности за доаѓање на наши навивачи на натпреварот и да предложите механизам за решавање на оваа ситуација, наведе претседателот на Руската фудбалска федерација Александар Алајев во писмото до директорот на УЕФА за ЕП 2020, Мартин Кален.
УЕФА соопшти дека не постигнала договор со данската страна, додека паралелно со ова, властите во Копенхаген порачаа дека ограничувањата што се на сила за влез на руски државјани во земјата не е политички мотивирана.