Полицискиот час во Грција од сабота ќе биде пократок за еден час и ќе почнува во 01:30 часот, наместо 00:30 часот како што беше досега, а на угостителските објекти ќе им биде дозволено да пуштаат музика, соопшти попладнево заменик министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас, јави дописничката на МИА од Атина.
По позитивната препорака од комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство, Хардаљас информираше за одлуките на Владата за дополнително олабавување на мерките.
Од сабота 12 јуни, дозволена е музика во угостителските објекти кои и натаму ќе работат само во надворешните делови и само за посетители кои седат на маса, а на настаните на отворено се зголемува капацитетот од 50 на 75 отсто.
Хардаљас истакна дека од 1 јули полицискиот час целосно ќе биде укинат, доколку епидемиолошката слика го дозволи тоа, а исто така од 1 јули, на прославите дозволени се најмногу 300 гости, наместо 100 како што е сега.
Мерките кои важат во Грција се однесуваат како на грчките државјани, така и на туристите.