Ѕвездата на данската репрезентација, Кристијан Ериксен, кој остана да лежи на теренот во безживотна состојба во мечот против Финска на Европското првенство, од болничкиот кревет, конечно, се огласи на социјалните мрежи и ја објави првата фотографија.
Иако се чувствува многу подобро, благодарение на првата помош на лекарскиот тим, тој сè уште е хоспитализиран и подложен е на детални прегледи.

– Поздрав до сите. Ви благодарам на прекрасните пораки за поддршка од целиот свет. Тоа многу ми значи мене и на моето семејство. Добар сум, со оглед на околностите. Сè уште сум во болница и мора да се направат детални контроли, но добро се чувствувам. Во наредните натпревари ќе навивам за репрезентацијата. Играјте за цела Данска. Се најдобро. Кристијан, пишува во постот на Ериксен на Инстаграм кој го пренесе и Тотенхем, чиј дрес го носеше пред трансферот во Интер.