Вакцинирањето на децата против ковид-19 е исправно, бидејќи во спротивно се остава простор за натамошна мутација и ширење на вирусот. Вакцинацијата на детската популација ја овозможува потребната покриеност кај 80 отсто од населението, заклучија експертите на денешната трибина на тема „Вакцинација и предизвици со ковид-19“ на која учествуваа министерот за здравство, Венко Филипче и докторите Александра Грозданова, Драган Даниловски и Александар Петличковски.
– Не треба да се остава простор за ширење на вирусот. Мислам дека е добро да се опфати и на детската популација со процесот на имунизацијата. Генерално сметам дека вакцинирањето на децата е исправен пристап, бидејќи во спротивно се остава еден празен простор во кој вирусот ќе се рашири повторно и евентуално со некои посериозни мутации ќе биде закана и за веќе вакцинираното население, порача Петличковски.
Министерот Филипче, пак, потсети дека вакцините се одобрени за возраст над 16 години, односно вакцината на „Фајзер“ за возраст од 12 и 16 години, исто така и вакцината на „Синовак“ која е наменета за возраст од над три години.
– Значи исто како вакцината за сезонски грип, заклучи министерот.
Според докторка Грозданова, вакцинацијата кај адолесцентите е потребна со цел овозможување на потребната вакцинација на 80 отсто од населението.