Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска порача дека протестот е уставно загарантирано право, но исто такво е и правото на здравје. Ваквиот став на Филипче доаѓа по протестот под мотото „Стоп за одземање на слободата“, против новите мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.
– Мерките кои ги предлагаме се веќе докажано ефикасни, а вакцинацијата единствен начин да се бориме против вирусот. Ако порано за бенефитот од вакцините слушавме само од вестите од светот или читавме во медицински студии, денеска веќе можеме да го потврдиме, со она што се случува кај нас. Фактот што дури 90% од новозаразените последната недела се невакцинирани и исто толкав процент од хоспитализираните, е недвосмислена потврда за ефикасноста на вакцините, смета Филипче.
Вакцините освен што се ефикасни, исто така се и безбедни, вели министерот Филипче. Според него, од досегашните аплицирани повеќе од 1.000.000 дози кај нас, нема посериозни компликации или несакани ефекти кај ниту еден од граѓаните кој е вакциниран, а тоа го оценува како непобитен доказ за безбедноста на вакцините.
– И покрај овие цврсти аргументи про вакцинацијата, таа останува доброволна. Секој кој се обидува да прикаже дека се врши наводна присилна вакцинација ја манипулира јавноста. Никој не е присилен на ништо, обврска на државата е да го штити јавното здравје и да носи мерки. Јас разбирам дека се уште има страв и двоумење кај одреден дел од граѓаните и тоа воопшто не е за осуда. Покрај заштита на здравјето, наша должност како Влада е да ги информираме граѓаните за придобивките од вакцинацијата и тоа ќе продолжиме да го правиме, вели министерот Филипче.
А, за оние кои се двоумат или одбиваат да се вакцинираат, тој им порачува да им веруваат на докторите, но и на нивните блиски кои имале искуство со вирусот. Филипче објаснува дека заболувањето носи голем ризик, а вакцините го намалуваат тој ризик и до 20 пати.
– Разговарајте со луѓе кои за жал вирусот го поминале тешко, нека ви го раскажат искуството. Разговарајте со неколку доктори, медицински сестри во болницата каде живеете, нека ви споделат неколку приказни од нивното работно секојдневие. Вакцинацијата е единствен начин да се вратиме во нормала. Ги гледам англиските фудбалски мечеви кои оваа сезона се играат пред полни трибини исто како пред пандемијата. Тоа е така затоа што процентот на вакцинирани граѓани во Велика Британија е многу висок. Иако таму има висок број заразени, многу малку се хоспитализирани и тоа е целата поента на вакицнацијата. Колективниот имунитет ќе ја намали опасноста од преполнување на болниците и ризикот од тешка форма на болеста. Со тоа, ние веќе ќе се вратиме во нормала, смета министерот Филипче.
Министерот за здравство потсетува дека на многу места во Европа веќе е секојдневие да се бара ковид сертификат за влез на различни масовни настани или во угостителски објекти.
– Тоа никој не го смета за дискриминација, туку одговорност и заштита на јавното здравје. Верувам дека никој не сака, ова да трае вечно. Иако новите соеви носат неизвесност, сепак искуствата од земјите каде има висок процент на вакцинирани лица потврдува дека вакцините се ефикасни и за новите соеви. Друго оружје против вирусот немаме и силно верувам дека сите ова ќе го разберат што поскоро, за да можеме да ја вратиме слободата и да го заштитиме нашето здравје и здравјето на најблиските, вели Филипче.