Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Аеродром на средби со граѓаните.
Злоупотребата на јавниот простор станува минато, а за секој квадрат нов бетон во Аеродром, ќе има двојно повеќе зеленило, убедува Александар Филиповски, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Аеродром на маалска средба во Паркот на светлината. Филиповски вели дека се фокусираат на обезбедување почисти населби, ре-организација на комуналните служби, а најавува чисти улици и пешачки зони.
Граѓаните кои го слушаа него, се интересираа и прашуваа за зеленилото околу зградите, неговото одржување и уредувањето на јавниот простор. Кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ уверуваше дека особен акцент ќе стави на маалските паркови, најави повеќе вложување во нив.
– Хуманизацијата на јавниот простор подразбира да креираме зони, маалски паркови по потребите на граѓаните. Покрај интензивното раззеленување, тие простори ќе добијат и содржини за децата, за младите и повозрасните, со што ќе се поттикне и маалскиот живот во населбите, рече Филиповски.
Тој вели дека постои позитивна атмосфера и енергија за победа на СДСМ во Аеродром.
– Подготвен сум да се видам со секој граѓанин, да зборуваме и за проблемите, дилемите, но и за новите решенија. Ветувам дека интензивната работа во оваа кампања, искрениот пристап и комуникацијата ќе ја задржам и во четиригодишниот мандат, заврши Филиповски.
Во Паркот на светлината во Аеродром се обрати и заменик – претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска. Таа говореше за реализираните проекти на СДСМ во делот на зголемување на платите и реконструкцијата на 60 градинки низ целата држава. Лукаревска истакна дека како општество тешко се изборивме за слобода и сега не треба лесно да ја испуштиме.