Холандија ќе биде првата западноевропска земја што ќе воведе делумно заклучување од летото, па рестриктивните мерки ќе стапат на сила претстојниот викенд, објави денеска холандскиот јавен сервис НОС.
Кафулињата, рестораните и продавниците за непрехранбени производи ќе мора да затворат до 19 часот најмалку три недели, почнувајќи од утре, соопшти ИСО, цитирајќи владини извори.
Луѓето ќе бидат повикани да работат од дома колку што можат, а гледачи ќе нема на спортските настани во наредните недели, додаде „Ројтерс“. Училиштата, кината и театрите ќе останат отворени.
Привремената влада на премиерот Марк Руте до вечерва ќе донесе одлука за нови мерки и ќе ја соопшти на прес-конференција закажана за 19 часот. Бројот на заразени со коронавирусот рапидно се зголеми по укинување на социјалната дистанца на крајот на септември, па во четвртокот за 24 часа беше постигнат рекорден број на заболени и изнесуваше околу 16.300.
Во Холандија, околу 85 отсто од полнолетните граѓани се ревакцинирани, а бустер дозите досега се одобрени само за мала група на луѓе, поточно лица со намален имунитет и лица постари од 80 години. Минатиот месец, околу 55 отсто од пациентите во холандските болници и околу 70 отсто на интензивна нега биле невакцинирани или делумно вакцинирани, покажуваат податоците на Холандскиот институт за здравје.