Конституирањето на новата бугарска Влада и попрагматичниот пристап, кој го најави новиот премиер Кирил Петков, со фокус на сегашноста и иднината влеваат надеж кај високите официјални претставници на земјава, но и кај дипломатите дека Северна Македонија и Бугарија наскоро би можеле да постигнат решение за спорот. И високите македонски претставници и дипломатите, исто така, се надеваат дека тоа ќе се случи многу побрзо од шесте месеци кои ги најави Петков, а се оценуваат како предолг временски период.
Петков, пак не отстапува од шесте месеци кои бугарската Влада си ги задала како рок, но вчера изјави дека има желба во втората половина на јануари да се сретне со новиот премиер на Северна Македонија.
Тој во врска со спорот меѓу Софија и Скопје, вели дека не станува збор за процес на отстапки, туку за процес на надградба. Во емисијата „120 минути“ на БТВ вчера предложи пет работни групи, за економија, за инфраструктура, за евроинтеграции, за култура и за историски прашања. Предлага групите да се состануваат секој месец и ако е возможно средбите да не се истовремено, а секоја недела да има заседание на одделна група и да има работни резултати.
Ако тоа биде направено, според него, во интензивен период од работењето може да бидат направени и компромиси од двете страни.
Македонските граѓани со бугарско потекло треба да бидат заштитени од дискриминација и од говор на омраза. Исто така, треба да има и некој инструмент којшто ќе гарантира дека секој таков елемент на дискриминација, ќе биде оценет како неевропски, нагласил Петков.
Според него, прво нешто што треба да се направи, е да се смени реториката.
Се разбира, и од другата страна има црвени линии. Не можеме да ги занемариме фактите. Полесно е кога ќе видиме колку може да добиеме и од двете страни, да смислиме можности за нештата кои се прифатливи и за двете страни. Нема да отстапиме од нашите сериозни позиции, ќе можеме многу да добиеме заедно, потенцираше Петков.
Со став за можноста за надминување на спорот вчера излезе и шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој потенцира дека сега кога Бугарија има политичка Влада е можно решение и тоа дури и следниот месец. Тој смета дека новиот пристап кој го изнел Петков со вклучување на сегашноста и иднината за нас е важна порака, но напомена дека шестмесечен рок за пронаоѓање решение за нас е премногу долг.
Фактот дека во Бугарија сега има политичка власт ни дава надеж дека двете легитимни влади можат да седнат и да разговараат за сите прашања и првите пораки даваат оптимизам, бидејќи токму тоа го кажавме и самите ние. Потребно е да има сеопфатен пристап. Да, историјата е важна, но ние секој ден правиме историја, создаваме историја. Јас прифаќам само еден аргумент зошто досега не беше најдено решение, бидејќи немаше политички кабинет. Сега навистина нема причина да се даваат долги рокови, кога има политички кабинет. Има стабилно мнозинство во Република Бугарија и во Република Северна Македонија и можеме да седнеме уште од утре, да ги продолжиме разговорите и уште во јануари да има решение, нагласи Османи за бугарската ТВ Нова.
Османи нагласи дека и самиот Договор за добрососедство од 2017 година го предвидува токму тоа за кое говорел Петков – формирање работни групи, кои ќе се фокусираат не само на историјата, туку и на инфраструктурата, економијата, енергетиката…
Договорот предвидува два инструмента. Едниот е меѓувладината комисија, во која учествуваат неколку министри, предводени од министрите за надворешни работи. Тоа се шест-седум министри од наша страна и шест-седум министри од ваша страна, со кои треба најодговорно да разговараме и да разгледуваме каде има прогрес, а каде нема и каде треба да се фокусираме во иднина. И тие групи, за кои говори премиерот Петков се всушност враќање кон основиот инструмент на Договорот – меѓувладината комисија со сите групи, кои се дел од таа комисија. За жал, веќе една година сакаме да се одржи втората седница на меѓувладината комисија, но немаме одговор од Република Бугарија. А тоа е најдобриот инструмент, додаде Османи.
Тој напомена дека вториот инструмент е Комисијата за историски и образовни прашања, која треба да најде заеднички точки во заедничката историја меѓу двете држави и двата народа.
Османи напомена дека земјава веќе се произнела по сите точки „пет плус еден“, но, за жал, не добила одговор од бугарска страна. За јазикот е дециден дека произлегува од правото на самоопределување на секоја држава, се признаваат државите, а не атрибутите кои тие држави ги имаат. Османи истакна дека ставот на Скопје е јазикот да се нарекува, онака како што било предложено од Европската комисија – македонски јазик.