Казино во Дојран наводно издавало фалсификувани сертификати за ковид-19, објави грчката телевизија „Опен“ во сопственост на контроверзниот бизнисмен Иван Савидис, без притоа да наведе за кој објект поточно станува збор. Од македонското Министерство за внатрешни работи (МВР) велат дека не добиле пријава за таквите наводи, но најавија дека ќе го истражат случајот.
„Опен“ ТВ во својот прилог објави дека случаите биле откриени во еден ден, откако на 45 лица на граница им бил направен анти-ковид тест, а девет од нив добиле позитивни резултати, иако на граничниот премин пристигнале со негативен наод.
Телевизијата во веста нагласува дека сопственикот на казиното на тој начин имал за цел да привлече што поголем број на клиенти за заобиколување на строгите гранични контроли. Документот, како што се објави „Опен“ ТВ, бил автентичен и со негативен резултат, без притоа да биде направено тестирање.
Во суштина тоа е фабрика. Менаџерите на казината во соседната земја наоѓаат начин да не ги едуцираат своите клиенти, бидејќи зголемените санитарни услови ги обесхрабруваат многумина да одат да си ја пробаат среќата. За да не изгубат клиенти, тие го измислија овој начин за да заштедат пари и напор, пишуваат грчките медиуми.
Лажните сертификати за брз тест, според прилогот на „Опен“ ТВ, се документи од овластен дијагностички центар кои се пополнуваат со имиња на клиенти, без да биде извршено тестирање.