ИКЕА привремено ги запира операциите во Русија и Белорусија, соопшти компанијата денес.
„Војната веќе има огромно човечко влијание. Тоа, исто така, резултира со сериозни нарушувања на синџирот на снабдување и условите за тргување. Поради сите овие причини, компаниските групи одлучија привремено да ги паузираат операциите на ИКЕА во Русија“, се вели во соопштението што го издаде компанијата.
ИКЕА соопшти дека одлучила да го запре целиот извоз и увоз во и надвор од Русија и Белорусија и да ги запре сите малопродажни и индустриски активности на ИКЕА во Русија. ИКЕА има 17 продавници во земјата.
„Овие одлуки имаат директно влијание врз 15 000 соработници на ИКЕА. Амбициите на компаниските групи се долгорочни и обезбедивме вработување и стабилност на приходите во блиска иднина и даваме поддршка за нив и нивните семејства во регионот“, се вели во соопштението.
ИКЕА, исто така, објави „итна донација од 20 милиони евра за хуманитарна помош за оние кои се насилно раселени како резултат на конфликтот во Украина“, како одговор на итен апел од Агенцијата за бегалци на ОН.