Русија го предупреди НАТО дека доколку Финска и Шведска се приклучат на воената алијанса, тогаш ќе преземе мерки на Балтикот. Дмитриј Медведев, како што пренесува Ројтерс, рекол: „Не може повеќе да се зборува за статус, без нуклеарно оружје за Балтикот – рамнотежата мора да се врати. До денес Русија нема преземено такви мерки и немаше да ги преземе“.
Медведев е заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија од 2020 година. Тој претходно беше претседател и премиер на Русија, а е долгогодишен сојузник на Владимир Путин.
Финска и Шведска вчера најавија приклучување кон НАТО, откако нивните премиери рекоа дека руската инвазија на Украина го промени „целиот безбедносен пејсаж“ на Европа и „драматично го промени начинот на размислување“ во нордиските земји.
Финската премиерка, Сана Марин, вчера рече дека нејзината земја, која дели 1.300 километри граница со Русија, ќе одлучи дали да поднесе барање за приклучување кон алијансата „многу брзо, за неколку недели, а не месеци“, и покрај ризик тоа да ја разбесни Москва.