Двајца британски борци заробени во Украина од руските сили се појавија на руската државна телевизија и побараа да бидат разменети за проруски политичар кој го држат украинските власти.
Не беше јасно колку двајцата мажи – Шон Пинер и Ејден Аслин – можеа слободно да разговараат.
И двајцата зборувале откако биле поттикнати од неидентификуван маж, јавува Ројтерс. Војниците побараа од премиерот на Британија, Борис Џонсон, да им помогне да ги врати дома и во замена Украина да го ослободи Виктор Медведчук, олигархот и опозициски политичар кој беше уапсен минатата недела.
Кремљ минатата недела ја одби понудата на Украина за размена на затвореници за Медведчук, најблискиот сојузник на Владимир Путин во Украина, кој беше уапсен во операцијата што беше опишана како „молња брза и опасна“.
Одделно, украинските безбедносни служби објавија видео на Медведчук како бара Путин да го замени за украинските сили во опколениот град Мариупол.
Медведчук е во домашен притвор од мај 2021 година, од каде, како што соопшти Министерството за внатрешни работи на Украина, побегнал на 28 февруари, четири дена по рускиот напад на Украина и оттогаш се води како исчезнат.
Украинските власти го сомничат Медведчук за велепредавство и обиди за грабеж на националните ресурси на Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година.