Португалскиот предлог како основна рамка останува најдоброто решение за деблокирање на нашите евроинтеграции, оценува министерот за надворешни работи Бујар Османи во коментар за последните изјави на бугарскиот премиер Кирил Петков за преместување на ветото по отворање на преговорите и промена на Уставот пред отворањето на првото поглавје, а ЕУ да биде гарант за менување на Уставот.
„Сметам дека португалскиот предлог како основна рамка за идеите кои се разменуваат меѓу двете влади последните недели останува најдоброто решение за деблокирање на европската перспектива на Северна Македонија и на регионот“, изјави Османи за Телма.
Бугарскиот премиер Кирил Петков, пак, и денес во изјава за Бугарската телевизија повтори дека гаранција за правата на Бугарите во земјава може да се обезбеди преку процесот на европска интеграција. Притоа Петков оцени дека европскиот пат за Северна Македонија ќе трае најмалку 10 години.
Османи утре оди во Берлин, каде што ќе има средби со државната министерка за Европа, Ана Лирман, со Михаил Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи, и со Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за европски прашања.