Експертите за политика на ЕУ велат дека предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за создавање нова политичка организација чија цел е обединување на земјите кои ги споделуваат вредностите на ЕУ, но не се дел од блокот, е обид да се запре проширувањето на ЕУ.
Тоби Фогел, аналитичар и експерт за ЕУ и Западен Балкан со седиште во Брисел, оценува дека идејата на претседателот Макрон нема да биде поддржана од земјите од блокот. Покрај тоа што го опишува предлогот како нејасен, Фогел вели дека Макрон преку оваа идеја го открива противењето што го има во однос на членството на новите држави во ЕУ.
„Јасно е дека проширувањето на ЕУ не оди никаде, секако не за Западен Балкан, а една од причините за тоа е претседателот Макрон. Тој беше оној кој го блокираше, на пример, отворањето на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија“, рече Фогел во интервју за Радио Слободна Европа.
Франција се спротивстави на отворањето на преговорите за Албанија и северна Македонија во 2019 година. Макрон тогаш рече дека овие земји сè уште треба да постигнат напредок. И зборувајќи во Стразбур на 9 мај на Денот на Европа, Макрон, осврнувајќи се на барањето на Украина за брзо членство во ЕУ, рече дека може да бидат потребни децении за да се случи тоа.
Коментарите дојдоа откако претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека планира да даде мислење за апликацијата за членство на Украина во јуни. Макрон се изјасни против забрзување на постапката за Украина, но и за другите држави, тврдејќи дека треба да се почитуваат стандардите.