Додека не се изготви обвинителниот акт, сѐ е шпекулација за одговорноста за пожарот во тетовската болница, сепак актот сѐ уште се изготвува. Кога тоа ќе биде изготвено, јавноста веднаш ќе биде известена, ни изјавија од Основното јавно обвинителство во Скопје
Неколку медиуми денеска објавија дека д-р Флорин Бесими, поранешниот директор на Клиничката болница во Тетово, ќе биде еден од обвинетите за минатогодишниот пожар во модуларната ковид-болница во кој загинаа 14 лица.
Извори од тетовското јавно обвинителство, според дел од медиумите, изјавиле дека истрагата покажала дека има одговорност за пожарот во модуларната болница. Освен од д-р Бесими, одговорност ќе се бара и од други две физички лица, кои исто така, биле на раководни позиции кога избувна пожарот. Одговорноста е врз база на хиерархиската поставеност, односно обврската функционерите да водат грижа за воспоставување на правилата и нивно почитување во болницата.
По трагедијата којашто се случи на 8 септември минатата година, оставки поднесоа директорот на тетовската болница Флорин Бесими и економскиот директор Артан Етеми, додека тогашниот премиер Зоран Заев не ги прифати оставките на тогашниот министер за здравство, Венко Филипче, и неговиот заменик Илир Хасани.
Пожарот, според извештајот на обвинителството, бил предизвикан по краток спој на струја во продолжен кабел, на којшто бил приклучен дефибрилатор со кој пациент бил враќан во живот.
Во средината на март годинава, јавниот обвинител на Македонија, Љупчо Јовески за емисијата 25 минути, изјави дека „има осомничени за пожарот кој минатата година се случи во модуларната болница во Тетово“.
– Не може да се каже дека кабелот е виновен и дека никој нема да одговара. Познато е во јавноста дека обвинителството води постапка за овај случај. Мора да сфатите дека се работи за огромна трагедија, за изгубени многу животи на наши граѓани, дека обвинителството презема многу дејствија само. Сослушани се повеќе од 40-тина сведоци, изјави тогаш Јовески.
Претходно, во јануари годинава, во Македонија пристигна и извештајот на германските експерти за пожарот во модуларната болница во Тетово, на којшто се чекаше повеќе од 4 месеци.
Ова вештачење беше побарано преку меѓународна правна помош.