Сер Греам Брејди, претседателот на Конзервативниот комитет 1922 година, вели дека биле дадени 359 гласови. Немало неважечки гласачки ливчиња. Брејди изјави: „Можам да објавам дека пратениците имаат доверба во премиерот“.
Доверба во Борис Џонсон: 211
Нема доверба во Џонсон: 148
Тоа значи дека повеќе од 40% од ториевците гласале против Џонсон.
Пратениците од британската Конзервативна партија денеска гласаа за доверба на нивниот лидер Борис Џонсон. Гласаа од 19 до 21 часот по македонско време.
За заминувањето на Џонсон потребни се мнозинство гласови од 180 пратеници од Конзервативната партија. Доколку тоа се случи, следуваат избори за ново партиско раководство, што ќе значи и смена на премиерската функција.
Би-Би-Си проценува дека 131 пратеник од конзервативците пред гласањето најавиле дека ќе го поддржат Борис Џонсон во гласањето за недоверба. Дејли мејл објави нешто поголема бројка, односно дека за Џонсон ќе гласаат најмалку 156 пратеници.
Пратениците во гласачката сала влегоа низ една врата, а излегоа од друга. Им беше забрането да ги внесат мобилните телефони за да не го фотографираат гласачкото ливче, а гласаа во затворена кабина.
Малку по 20 часот, на гласањето за доверба пристигна и самиот Борис Џонсон. Новинарите го прашаа дали ќе гласа за себе или против. Тој не одговори.