Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска негираше дека референдумот кој ќе го покренат е за вметнувањето на Бугарите во Уставот туку вели дека нивен фокус е делот од преговарачката рамка за билатералниот договор меѓу Македонија и Бугарија.
„Ние немаме намера да се фокусираме преку референдумското изјаснување за измените на Уставот, затоа што тоа се три различни процеси. Имаме билатерален договор, протоколот е дел од тој билатерален договор каде што има историја, култура. Вториот процес, којшто е независен од првиот, е промената на Уставот и вметнувањето на Бугарите во преамбулата. Третиот процес, којшто зависи од вториот процес, а тоа е усвојување на преговарачката рамка во којашто пак е вметнат шверцерски првиот процес, а тоа е протоколот и билатералниот договор. Вториот процес, а тоа е промената на Уставот, веќе одговорив дека гарантирам дека нема да се случи. А гаранција за тоа е зборот на 44 пратеници од коалицијата којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и останатите слободномислечки пратеници. Ние се фокусираме на преговарачката рамка. Односно, да бидам уште попрецизен, членот 5, алинеја 4 од преговарачката рамка, кадешто е вметнат протоколот и билатералниот договор. Тука треба да одлучат граѓаните дали прифаќаат. Дали прифаќаат ваква преговарачка рамка којашто ниту една од 27 земји-членки и Албанија сега, 28-ма, немала, каде имаме билатерален договор“, рече тој денеска.
Мицкоски додаде дека нема потреба од брзање бидејќи без уставните измени, процесот е закочен уште на самиот старт.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и некои слободоумни пратеници во парламентот се браникот на македонскиот јазик и идентитет и нема да дозволат промена на Уставот“, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето од новинарите дали е сигурен дека нема да се најдат пратеници кои ќе гласаат „за“ уставни измени како што беше и во случајот со Преспанскиот договор, претседателот на опозициската партија рече дека е сигурен дека тоа овојпат нема да се случи.
„Времето ќе покаже. Јас со сигурност велам дека нема да се случи. За Преспанскиот договор сум го кажал мојот став. Сум зборувал за тие осумтемина коишто го направија тоа предавство тогаш, и немам што повеќе да додадам. Точно е, ја прифаќам таа грешка и тогаш и сега како грешка и моја и на ВМРО-ДПМНЕ, но ве уверувам дека тоа овојпат нема да се случи“, рече тој.
За повикот на Вархеји да докажат дека се за членство во ЕУ преку гласање за уставните измени, Мицкоски одговори дека Македонија и македонскиот народ, како што рече, „премногу дале за европските вредности“.
„Јас го почитувам неговиот став. Но се надевам дека и тој го почитува мојот став а тоа е дека Македонија и македонскиот народ премногу дадоа за тие европски вредности. Насила ни беше сменето знамето. Насила ни беше наметната времената референца за името. Добивме случај во Хаг и тој насила ни беше поништен под изговор дека тоа е меѓународно право, појаките имаат поголемо право. Потоа, насила ни беше променет Уставот, насила ни беше променето уставното име. Насила, сега беше прошверцуван обид да се начне македонскиот идентитет. Ако сето ова се европски вредности, простете јас не сакам да ги споделувам“, рече тој. (Р.Н.)