Европратениците од редовите на зелените и социјалдемократите денеска ќе се спротивстават на почетокот на преговорите за визна либерализација за Катарците во ЕУ, бидејќи Европскиот парламент сака да се истражат сомнежите за корупција во неговите редови во односите со Катар, јави дописникот на МИА.
Европскиот парламент од денес се состанува во Стразбур. Европратениците на оваа сесија требаше да го потврдат отворањето на разговорите меѓу Европскиот парламент и земјите-членки на ЕУ со цел да се финализира текстот за олеснување на визниот режим за патниците од Катар и Кувајт.
Овој текст, кој веќе доби зелено светло од земјите-членки на крајот на јуни, предвидува ослободување од визите за државјаните на Катар и Кувајт кои патуваат во европскиот блок за максимален период од 90 дена, што е предмет на договор за реципроцитет со овие две земји. Но, антикорупциската операција спроведена во петокот од страна на белгиската полиција, која ја уапси Ева Каили, една од потпретседателите на Парламентот под сомнение за земање мито од Катар, сега ја нарушува агендата.
Известувачот за текстот, германскиот европратеник од Зелените, Ерик Маркарт, најави дека на крајот ќе се спротивстави на започнувањето на разговорите. Потоа следеше неговата политичка групација.
„Нулта толеранција за корупција. Зелените ќе се спротивстават на мандатот за почеток на преговори за визна либерализација со Катар во понеделник“, објави копретседавачот на Зелените во Европскиот парламент, Тери Рајнтке на Твитер.
Од своја страна, Групата на социјалдемократите повикува на „запирање на работата за сите досиеја и гласови кои се однесуваат на земјите од Заливот, особено за либерализацијата на визите“.
Меѓу уапсените во петокот, покрај грчката социјалистка Ева Каили, се и нејзиниот асистент Франческо Џорџи, како и поранешниот социјалистички европратеник од 2004 до 2019 година Италијанецот Пјер-Антонио Панцери. Европратениците имаат прашања и за ставот на парламентарците на Групата на социјалдемократите за време на дебатата и гласањето на 24 ноември минатата година за резолуцијата со која се осудуваат кршењата на човековите права во Катар.
Во повеќе дискусии во европарламентот, Ева Каили велеше дека Катар е „предводник во работничките права“ и оцени дека Европејците „немаат морално право да му држат предавања“. Пјер Карлескинд (Обнови, либерали) праша зошто социјалистите прво гласаа против самиот принцип на резолуција, пред да спречат, во согласност со десницата (ЕПП) и екстремната десница, усвојувањето на неколку амандмани, вклучително и оние кои го осудуваат ставот на ФИФА кон угнетувањето на правата на ЛГБТ.
„Сега се плашам да разберам…“, реагираше во саботата на Твитер овој француски европратеник. „Веќе предупредив во ноември за агресивното лобирање предводено од Катар. Ние добро знаеме зошто“, рече Манон Обри (радикалната левица).