Имено, во периодот од 2010 година до 2018 година во Делчево првоосомничениот, поранешен јавен обвинител, во својство на службено лице – секретар и законски застапник, член на Собрание и член на Извршен одбор на здружение на граѓани во државна сопственост, а истовремено и одговорно лице – управител во правното лице во приватна сопственост, ја искористил својата службена положба и ги пречекорил своите службени овластувања. Тој, во периодот од 2010 година до 2015 година, со намера да прибави противправна корист за себе, а подоцна во периодот од 2015 до 2018 година со намера да прибави противправна корист за себе и за својот син, ја искористил својата службена положба и ги пречекорил своите службени овластувања. Првоосомничениот со умисла потпомогнат од останатите осомничени во својство на службени лица – членови на органите на граѓанското здружение и друштвото во приватна сопственост, преземале противправни дејствија со кои противправно сукцесивно го присвоиле севкупниот движен и недвижен имот, имотни права и парични средства сопственост на граѓанското здружение во државна сопственост и го префрлиле на правното лице – друштво во сопственост на првоосомничениот што ја извршува истата дејност како и здружението, кое 2017 година згаснало поради ликвидација.
Покрај членовите на Собранието и Извршниот одбор на здружението меѓу кои е осомничен и поранешен министер без ресор, осомничени се раководител во Управата за имотно правни работи во Министерството за финансии, државен правобранител, нотар и двајца овластени регистратори од Централен регистар на Македонија.
На предлог на јавниот обвинител, судија определи мерка куќен притвор за двајцата првообвинети.