Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска изјави дека на самитот на 20-те најразвиени земји во светот (Г20) во Њу Делхи забележал „мало подобрување“ во дипломатските односи со Москва.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера во Њу Делхи имаше кратка средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Борел изјави дека Лавров останал во салата додека претставниците на западните земји ја критикувале Русија, за разлика од претходниот самит на Г20 на Бали, кога тој ја напушти просторијата.„Овој пат остана и слушаше. Тоа е мало подобрување, но важно“, рече Борел во Њу Делхи.
Борел изјави дека ќе се спротивстави на обидот Русија да се исклучи од Г20.
Мораме да го одржиме разговорот или барем да слушаме, рече Борел, пренесува АФП.
Во Њу Делхи Лавров го обвини Западот дека ги става земјите во развој под притисок да и се спротивстават на Москва.
„Нашите западни пријатели на микрофон извикуваат ‘Русија мора, Русија мора, Русија мора’, рече Лавров, тврдејќи дека Блинкен и другите западни лидери патуваат низ светот велејќи дека Москва мора да претрпи стратешки пораз.