„Васко Ковачевски ме информираше дека заради лични причини поднесува оставка од генерален директор во АД ЕСМ. Разговаравме уште минатата година дека заради големите работни обврски тој сака да се посвети на семејството. Утрово усмено до мене достави оставка, ќе биде усвоена на следна седница на Влада“, рече денес премиерот Димитар Ковачевски, по ненадејното повлекување на директорот на најмоќната државна компанија и партиски првенец од Битола.
Иако реториката на премиерот укажува на долго подготвуван и најавен чин, сепак оставката на Васко Ковачевски останува во зоната на шпекулациите.
Шефот на Владата на денешната прес-конференција свикана откако Васко Ковачевски јавно ја обелодени својата оставка, посочи дека негов наследник ќе биде Васко Стефанов, за кого рече дека е „менаџер по техничка логистика и со големо искуство“. Стефанов е инаку поранешен директор на загубарот Македонска пошта каде дојде по разрешувањето на Јани Макрадули, и поранешен директор на Водостопанство.
„Сакам лично да му се заблагодарам на Васко Ковачевски во менаџирањето на компанијата во една тешка и деликатна ситуација. Тој и неговите колеги беа достапни 24 часа, за да се носат брзи, ефикасни и ефективни одлуки. Неговата одлука беше донесена од поодамна, уште пред почеток на кризата, јас го информирав Советот за безбедност. Одлучивме менаџмент тимот да управува во кризата заради искуството, и заради одржување континуитет во работата. Сите оние кои ширеа лажни вести, ги демантиравме, на задоволство на сите граѓани и компании“, порача премиерот Димитар Ковачевски.
Самиот Васко Ковачевски на заедничката прес конференција со премиерот денес изјави дека ЕСМ ја заврши годината со добивка од 41 милион евра како резултат на зголеменото домашно производство и намалените трошоци.
С.К.