Околу еден милион евра изнесуваат штетите на патната инфраструктура како резултат на невремето кое го зафати Делчево изминатата недела, информира градоначалникот Горан Трајковски. Тој вели дека дополнително ќе се прави проценка за санирање и на други критични точки, кои настрадаа од елементарната непогода која го погоди градот.
Градоначалникот додаде дека извештајот за штетите е испратен до Министерството за транспорт и врски, од каде ќе биде доставен до Владата, по што на седница се очекува да се донесе одлука колкава помош ќе добие градот. Тој информира дека од вчера со работа започна и Комисијата за проценка на штети, каде само во првите два дена се поднесени 60 пријави.
„Имаме направено финансиска конструкција од околу 1 милион евра, а за регулациија на речните водотеци е дадено во должина метри. Тука се мисли и на атмосферската канализација, мост на река Брегалница, како и регулирање на 13 водотеци кои се слеваат во Делчево. И затоа се прави финансиска конструкција која повторно ќе биде доставена до Министерството“, рече Трајковски.
Врнежите од дожд продолжија и денеска, но нема опасност од нови поплави. Градоначалникот вели дека критична точка е делчевската населба Трети Реон каде поради појавено свлечиште, постои голема опасност од срушување на куќа.
За опасноста од свлечишта, при посетата на Делчево пред три дена, алармираше и деканот на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, кој рече дека населението мора да биде свесно дека вакви работи ќе има се почесто и затоа општините треба да работат на поголема техничка подготвеност со цел да се ублажат последиците од климатските промени.
Од силните врнежи од дожд изминатата недела во Делчево беа поплавени домови, возила и подруми, а надојдената вода поткопа улици во градот, како и магистралниот пат Кочани – Делчево кој од вчера е пуштен за сообраќај за сите видови возила. Проценката на синоптичарите е дека за повеќе од еден час во невремето наврнале 65 литри на метар квадратен.
текст и фото: МИА