Германскиот Бундестаг доцна синоќа ја усвои Резолуцијата за поддршка на Македонија на патот кон членство во ЕУ, но за време на расправата Резолуцијата беше изложена на остри критики од опозициските партии, вклучувајќи ја и ЦДУ, објави „Дојче Веле на македонски“.
Во текстот на резолуцијата се вели дека германскиот Бундестаг ги признава македонската култура, идентитет и јазик, а во препораките се бара од германската влада да ја повика Бугарија да го поддржи патот на Северна Македонија кон ЕУ во рамките на постигнатиот компромис и да се воздржи од дополнителни услови.
„Со оваа Резолуција им оддаваме длабока почит на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја“, кажа пред германските пратеници државната министерка во германското МНР, Ана Лирман.
Таа истовремено најави дека наскоро повторно, по четврти пат во последната година, ќе дојде во Скопје заедно со нејзините колеги од Франција и Полска во обид да се охрабрат уставните измени.
Од опозициската ЦДУ на поранешната канцеларка Ангела Меркел и сестринската ЦСУ кажаа дека се против Резолуцијата затоа што владејачкото мнозинство ја издвојува Северна Македонија од останатите држави од регионот. Двајца пратеници на опозициските сестрински партии ЦДУ/ЦСУ се огласија против резолуција. Кристоф Клос од ЦДУ го критикуваше владејачкото мнозинство затоа што ја издвојува Северна Македонија од останатите држави од регионот.
„Да се разгледува секоја земја од Западниот Балкан одделно не е целисходно“, рече Клос и потсети дека поранешната германска канцеларка Ангела Меркел секогаш на регионот му пристапувала како на целина.
Во сличен тон, и Тобијас Винклер од баварската ЦСУ го критикуваше предлогот со кој се издвојува Северна Македонија и бараше да се прифати предлогот на неговата пратеничка група во која се бара поддршка за сите шест земји од За Балкан.
„Барате резолуција само за една земја, со лош тајминг“, рече Винклер образложувајќи дека ситуацијата е „политичка чувствителна” во Северна Македонија и дипломатски сензитивна- алудирајќи на спорот со Бугарија. На крајот тој иронично им порача на пратениците од владејачкото мнозинство дека преведената резолуција е веќе објавена во македонските медиуми, па можат да се радуваат уште пред гласањето.
Социјалдемократот Јосип Јуратовиќ одговори на критиките од опозицијата со став дека секоја земја кандидат за членство во ЕУ секогаш се вреднувала поединечно, а не во група.
„ЕУ процесот е регата, и се вреднуваат индивидуалните постигнувања. Не може последниот да го чека првиот. Денеска се работи за искрената политика на проширување на ЕУ. Северна Македонија е кандидат од 2005 и сега е време. Сакаме сега да ја охрабриме Македонија со оваа Резолуција. Македонската култура ќе ја збогати ЕУ“, рече Јуратовиќ, кој побара од ЦДУ поддршка и влијание врз нивната сестринска партија ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, а од германската влада побара во ЕУ да се залага за укинување на правилото за консензус и замена со квалификувано мнозинство затоа што, како што рече, „популистите тоа го злоупотребуваат“.
С.К.