Британскиот премиер Кир Стармер денеска изјави дека Велика Британија, Франција и Украина се договориле да работат на планот за прекин на огнот што ќе им биде претставен на САД.
Стармер, кој денеска е домаќин на самитот на европските лидери во Лондон посветен на Украина, рече дека идејата за овој план се создала по жестоката расправа меѓу американскиот и украинскиот претседател Доналд Трамп и Володимир Зеленски во Овалната соба.
Британскиот премиер изјави за Би-Би-Си дека верува оти Трамп сака траен мир во Украина и го повтори ставот дека ќе бидат потребни американски безбедносни гаранции за постигнување траен мир.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека имал „важен и срдечен“ разговор со британскиот премиер Кир Стармер, со кого разговарале за зајакнување на позициите на Украина и за добивање сигурни безбедносни гаранции.
„За време на разговорите ги разгледавме предизвиците кои стојат пред Украина и цела Европа, координацијата со нашите партнери, конкретните чекори за зајакнување на позициите на Украина и завршување на војната на праведен начин, со сигурни безбедносни гаранции“, напиша Зеленски на апликацијата Телеграм.
Стармер вчера го пречека Зеленски во Даунинг стрит 10 , еден ден по посетата на украинскиот лидер на Вашингтон и неговата средба со Доналд Трамп во Белата куќа.