Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја заврши расправата по амандманите за Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2025 година и го проследи на натамошна постапка во Собранието. Во текот на денешната расправа се одлучуваше по комисиските амандмани, при што беше прифатен еден, за дополнителни средства за Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип.
На предлог на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски мнозинството прифати да се обезбедат пет милиони денари за функционирање на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип, каде, како што образложи Стојановски, во кругот на болницата треба да почне да се градат нов медицински факултет и студентски дом со 200 легла, а во насока на подготовка на реалзиација на проектот за Клиничката болница во Штип.
Заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски наведе дека аманданот се прифаќа заради, како што рече, вонредните околности кои ги споенал пратеникот. Реагираа дел од пратениците од Европскиот фронт со тврдење, како рече Рина Ајдари, за дискриминација бидејќи не биле прифатени амандманите со кои бараа средства за Универзитетот „Мајка Тереза“.Во реплика Стојановски ги отфрли нејзините твредења изнесувајќи податоци за обезбедени дополнителни 139 милиони денари за тој универзитет.
Не беа прифатени комисиските амандмани од пратениците на СДСМ за обезбедување милијарда и 200 милиони денари за финансиска поддршка на повредените и семејствата на починатите во пожарот во Кочани и за медицинска опрема за Општата болница во Кочани, како и за 500 милиони денари за пожарникарските служби, за плати, подобрување на механзиација, набавка на заштитна опрема. СДСМ ги најави минатата недела кога повлече 142 амандмани за ребалансот за кој вкупно беа поднесени 200.
Во март ни се случи најголемата трагедија, Владата не инвестираше доволно, ќе речам многу малку во справувањето со последиците од оваа несреќе. Најголем дел од донациите што беа дадени се од граѓани и општествено одговорни компании преку Црвен крст и „Супорт Кочани“. Секојдневно сме сведоци на барањето за помош и поддршка за повредените од трагедијата и сметаме дека ова ќе помогне во справувањето со последиците, рече пратеничката од СДСМ Јованка Тренчевска.
Јанкуловски, го отфрли амандманот, истакнувајќи дека постојано се преземаат активности по пожарот во Кочани и оти во моментов се работи на системско решение со кое ќе се вклучи и финансиска помош и се што е потребно.
Владата од првиот момент од кобната вечер кога се случи настанот презеде и презема дејствија за санирање на последиците што настанаа од таа вечер и кои ги имаме до ден денес. Владата е во постојана комуникација со семејствата и на загинатите и на повредените. Преку Министерството за здравство веќе се изведуваат активности во Општата болница во Кочани, преку Фондот за здравство осигурување постојано се набавува потребниот медицински материјал, преку МВР заедно со ФЗОМ се пружа и психолошка нега на пациентите. Се работи на системско решение. Ако сакаме вистински да им помогнеме на сите кои загубиле деца и им се повредиле децата и општо да ја ублажиме состојбата потребен е сериозен системски пристап во кој во план сме да вклучиме повеќе ресори, како и Министерството за демографија и млади каде ќе се обезбеди меѓу другото и финансиската помош и се што е потребно за да се подобрат работите во општина Кочани, наведе Јанакуловски.