Гонзало Игуаин го постигна решавачкиот гол за Јувентус во победата со 2:1 над Наполи во дербито на 11. коло на Серија А. Аргентинецот во 71 минута го совлада Реина и, како што вети ако постигне гол, прослава изостана. Сами Кедира навлече двајца противнички играчи на себе, одбраната на гостите лошо реагираше во намерата да расчисти, а одбиената топка му „легна“ на напаѓачот на „старата дама“ и без размислување, од прва, ја упати во мрежата.
Игуаин ова лето, за рекорди 90 милиони евра, го напушти Наполи и се пресели во Јувентус ппо што веднаш беше прогласен за предавник во Неапол. Бонучи му донесе предност на шампионот во 50 минута, Калјехон израмни само четири минути подоцна за конечните 2:1 да бидат дело на Игуаин.
https://www.youtube.com/watch?v=b7bBFiQZgsk
Претходно Фиорентина ја совлада Болоња со 1:0. Најголем дел од останатите мечеви од ова коло се утре. Денот ќе почне со натпревар во Бергамо (12.30 ч.) каде гостин на Аталанта ќе биде Џенова со Горан Пандев. Од 15 часот ќе играат Милан – Пескара, Кротоне – Киево, Емполи – Рома и Лацио – Сасуоло. Вечерниот термин (20.45 ч.) е резервиран за Сампдорија – Интер. Последните два средби се закажани во понеделник. Удинезе го пречекува Торино, а Калјари е домаќин на Палермо на Илиа Несторовски и Александар Трајковски.