Таа беше фунционерот чиј глас најмногу се слушаше во таканаречените бомби од прислушуваните разговори кои минатата година беа пуштани од опозицијата на прес конференции. Преживеа апсења на новинари, синдикални лидери, масакрот на „Смилковско“, тепање пратеници во Собранието од страна на полицијата за време на носењето на буџетот, тепање демонстранти на мирни протести. Накусо, преживеа девет години во извршната власт и често беше обвинувана дека ги „меша“ извршната и судската власт, извршната власт и партијата и дека во име на партиските интереси спроведуваше акции кои често го доведуваат под прашањето мирот, стабилноста и соживотот во Македонија. Речиси ги „преживеа“ и бомбите“, но не ги прежиивеа случувањата во „Диво Насеље“ кога загинаа припадници на безбедносните сили во акција која и денес го носи предзнакот „контроверзна“. Сега и останува заедно со сопартијците да се бори да ги преживее истрагите и кривичните пријави на Специјалното јавно обвинителство. А по една година апанажа од државата, денес преживува во партијата. Една од најверните соработнички на Никола Груевски денеска е вработена во ВМРО-ДПМНЕ.
Сопругот на државна, таа на партиска „цицка“
Поранешната министерка Гордана Јанкулоска добива месечна плата во износ од 63.000 денари. Оваа информација за висината на приходот е наведена во имотниот лист на нејзиниот сопруг Влатко Илиевски, кој неодамна е именуван за претседател на Инспекцискиот совет.
Јанкулоска откако остана без работа е вработена во ВМРО-ДПМНЕ. Оваа информација ни ја потврди и директорот на Центарот за комуникации на партијата, Иво Котевски, кој рече дека последен пат кога проверил Јанкулоска била на платниот список на ВМРО-ДПМНЕ.
Во домашниот буџет на брачниот пар, освен платата од ВМРО-ДПМНЕ, месечно се слеваат и по 75.000 денари од платата на Илиевски како прв човек на Инспекцискиот совет. Тој од пред неколку недели со одлука на Службен весник беше именуван на оваа функција, заедно со уште стотици други промени во над сто институции кои, се чини, дека власта забрзано ги правии пред стартот на изборите кога повеќе нема да може да именува функционери.
Според анкетниот лист доставен до Антикорупциската комисија, Јанкулоска и Илиевски секој месец земаат и кирија од 18.450 денари.
Имотниот лист на Јанкулоска повеќе не е достапен на интернет страната на Антикорупциската комисија, бидејќи анкетните листови на функционерите на кои им завршува мандатот веднаш стануваат недостапни за увид на јавноста.
Па, така преку имотниот лист на сопругот на Јанкулоска, кој сега е именуван функционер од Владата, може да се види дека заедно со екс министерката имаат два стана од 91 и 63 метри квадратни и плус 65 квадрати помошни простории.
Илиевски вози Голф, а Јанкулоска лани се подновила со Скутер Веспа за кој што е наведено дека го добила на подарок.
Во домот на овој брачен пар има и уметнички слики во вредност од 3000 евра, но и оружје сопственост на Јанкулоска.
Па, така во колекцијата на Јанкулоска се најдоа пиштол Валтер, една Берета и пушка Брно, сите добиени на подарок.
Илиевски и Јанкулоска на сметки во банки имаат вкупно околу 25.000 евра.